*Учество на трките кои се дел од настанот “Пештани Екстрим Вертикал”, подразбира безусловно прифаќање на правилата како и прифаќање на сите инструкции за учесниците дадени од страна на Организаторот и Директорот на трката. Детската трка е на сопствена одговорност, каде родителот при подигање на стартниот пакет потпишува согласност и организаторот не презема никаква одговорност при несакани повреди.
Од безбедносни причини и за непречено одвивање на секоја трка натпреварувачите мора да располагаат со содветна опрема. Важно е да се знае дека опремата која се бара од Организаторот е неопходниот минимум, но секој натпреварувач треба да се прилагоди на неговите сопствени потреби. Токму поради тоа Организаторот утврдува само листа на препорачана опрема која што секој натпреварувач треба да ја има со себе.
За временските услови учесниците ќе бидат известени во текот на неделата на одржување на трката. Дотогаш условите на планината Галичица може да ги следите на копчето за временски услови подолу.
Секој учесник може да се откаже за време на трката доколку се соочи со некакви проблеми, при што треба да го извести Организаторот за неговото откажување. Спуштањето на учесниците до селото Пештани на трката во Вертикален Километар, ќе се одвива по маркирана рута, различна од онаа на качување. Рутата за спуштање ќе биде јасно обележана и маркирана, а дополнително ќе биде испратена на меил до натпреварувачите. Препорачливо е групирање на учесниците во групи од неколку лица за заедничко спуштање до с.Пештани. Исто така, организаторот ќе има свои луѓе со кои натпреварувачите, групно, би можеле да се спуштат до селото Пештани. Овие информации се однесуваат на трката во Вертикален Километар која се одржува во сабота. Што се однесува до трката Бајраче треил, таа финишира во центарот на селото Пештани.
Бидејќи рутата на трката е трасирана во планинска средина со специфични географски услови, долж патеката, секој еден поддржувач кој ќе сака да биде дел од патеката ќе мора строго да ги почитува насоките на организаторот. Присуството на поддржувачите долж патеката е на нивна одговорност и организаторот не сносува одговорност во случај на било каква незгода. На сите поддржувачи им препорачуваме, после бодрењето на патеката, да се симнат на старт на патеката каде ќе можат да ги пречекаат сите учесници после завршувањето на трката но и ќе се дел од официјалната церемонија на прогласувањето на победниците.
Патеките ќе бидат маркирани со ленти во бело сина боја, знаменца и стрелки за насочување. Патеките можат да се преземат во .gpx формат на нашата веб страна за да се користат како навигација на вашите телефони и часовници. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Не се потпирајте строго на податоците од гпс часовниците или паметните телефони за време на трката бидејќи може да има отстапувања од фактичката состојба на патеката.
Организаторот го задржува правото да ги измени овие правила во секое време од причини што смета дека се соодветни за подобра организација на трката. Секоја промена која што ќе биде направена и е поврзана со некоја од клучните работи на трката, ќе биде соопштена на веб страната и социјалните мрежи на настанот како и на Вашиот мејл кој е оставен при регистрацијата за настанот.