Специјалните пораки беа хит на трката, а волонтерите се срце и душа на Охрид трчаТ

September 3, 2020

„Пази корона!“, „Вода дан требиТ?“, „Ти ја имаш силата да истрчаш!“, „Збрзни плата имаТ“, „Струга спијаТ, Охрид трчаТ“ беа само дел одпораки од Културолошката иницијатива 5 до 12 за учесниците на Атлетската манифестација на „Охрид трчаТ“. Специјалните пораки беа вистинско освежување на самата трка и дополнителна мотивација за учесниците кои трчаа на полумаратонот (21 километар) или на рекреативната трка од 5 километри.

Сакавме да бидеме иновативни и да го задржиме охридскиот стил, а да ја подигнеме атмосферата и да бидеме мотивација за тркачите. Вметнавме и некои интернационални пораки кои се поврзани со спортот и мислам дека успеавме во намерата. Од вкупно 40 специјални пораки одбравме 15 кои беа распоредени по целата траса на трката. Другите 25 и уште некои идеи ќе ги оставиме за следната година. – изјави тим лидерот од Култоролошката иницијатива 5 до 12, Јован Цветкоски.

Волонтерите се неизбежен сегмент на секој спортски или било каков успешен настан во светот. Со одговорни и одлични волонтери може да се пофали и Охрид трчаТ.

Во период на криза, како моменталнава многу е тешко да се најдат момци и девојки кои ќе одговорат на предизвикот како што е волонтерството, посебно за манифестација која е заштитен знак на нашиот Охрид, Охрид ТрчаТ. Девојките и момците, ученици во охридската Гимназија , економското училиште но и повозрасни, морам од таа група да го споменам Филип Неделкоски, се нафатија и успешно се справија со волонтерскиот предизвик на Охрид трчаТ. Распоредени беа на продажниот штанд на Охрид трчаТ и долж целата патека и одлични си ги извршија своите задачи. Горд сум што водев ваква група и продолжуваме со работа за брзо подготвувајќи се за следниот Охрид ТрчаТ. Големо браво за сите! – рече Стефан Каневче.

a1
a7
a4

 

Црвениот Крст од Охрид и оваа година беше на ниво од задачата грижејќи се за терминалниот скрининг и здравјето на тркачите. Со вкупно 28 лица беше покриена целата патека.

Согласно моменталната ситуација, наоѓајќи се во време на пандемија од коронавирусот, екипите дополнително се погрижија за спроведување на протоколите и препораките за справување со самиот вирус. При самиот старт на сите натпреварувачи им беше измерена телесна температура и дезинфекција на раце. Во зоната за старт сите натпреварувачи носеа заштитни маски, а секако и по пристигнување на целта. – истакна координаторот за прва помош Георги Ставрески.

„Охрид трчаТ“ со посебен банер на социјалните мрежи упати благодарност до волонтерите кои се срце и душа на секој успешен настан.

Преземено од www.ohridnews.com.